Џиџи Бекали без голем респект зборува за Шкендија од самата најава за двомечот меѓу романскиот и македонскиот шампион, а контроверзниот газда на ФЦСБ продолжува со ист тренд и во пресрет на реваншот кој денеска се игра во Букурешт.
Шкендија победи со 2:1 и покажа дека може сериозно да се надигрува со тимот чиј газда е токму Бекали, но сега избраниците на Јетон Беќири ќе мора да го демонстрираат и на гостински терен, каде задачата се очекува да биде доста потешка.
Тренерот на Шкендија најави дека неговиот тим ќе игра како да е 0:0 и дека ќе ги чека своите шанси против романскиот првак, па иако од македонскиот табор се максимално претпазливи, Бекали одново „покажува мускули“ во најавата за реваншот.
– Немам премногу емоции пред натпреварот со Шкендија, сигурен сум дека ќе постигнеме три или четири гола во нивната мрежа.
– Јас се потпирам на квалитетот кој го има тимот, сега не чека поразличен натпревар од оној во домашното првенство. Не ме интересира натпреварот со Фарул, овој меч ќе биде поинаков, – изјави Бекали.
Инаку, ФЦСБ имаше најлоша можна подготовка за реваншот со Шкендија, бидејќи фаворитот на домашен терен загуби од Фарул со 1:2 во националното првенство.