Ниту доцна синоќа не успеа да се конституира Собранието на Косово, и покрај тоа што ова беше веќе 54-ти обид за избор на претседател. Причината повторно беше истата, недостиг на доволно гласови за формирање на комисија за тајно гласање, што е предуслов за спроведување на изборот.
Политичките партии и коалиции – Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), Српската листа, како и коалицијата меѓу Алијансата за иднината на Косово и НИСМА, повторно одбија да предложат свои членови во комисијата. Наместо тоа, тие го обвинија претседателот на конститутивната седница, Авни Дехари, дека ја узурпира седницата и ги погазува и Уставот и одлуките на Уставниот суд на Косово.
Ситуацијата ескалираше кога Дехари, како и во претходните обиди, ги прекинуваше говорите на пратениците со исклучување на микрофоните, што дополнително ја вжешти атмосферата. Од вкупно 103 присутни пратеници, само 56 гласаа „за“ формирање на комисијата, што не беше доволно.
Поради недостигот на мнозинство, Дехари ја прекина седницата, повикувајќи се на одлуката на Уставниот суд донесена на 26 јуни, според која од денес до 8 август парламентот нема право да заседава или да донесува какви било одлуки. До тогаш, се очекува Судот да ја објави својата пресуда по барањето за оценка на уставноста на инсистирањето за тајно гласање, поднесено од пратениците на ДПК и ДСК.