Нутриционистка откри која популарна закуска може да биде кобна за вашето куче

Точка

23/07/2025

19:21

666

Големина на фонт

а а а

Многу сопственици на кучиња сакаат да ги разгалат своите миленици со закуски, но често не се свесни дека со тоа можат сериозно да им наштетат. Една од најчестите, навидум безопасни награди за кучињата, која може да биде исклучително опасна ако не е правилно подготвена, се варените коски.

Иако е познато дека кучињата обожаваат коски, по скара или ручек во никој случај не треба да им давате варени остатоци. Додека суровите коски се донекаде меки и флексибилни, со варењето стануваат суви, кршливи и склони кон кршење во остри парчиња. Токму овие парчиња можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми.

Д-р Ема Скалес-Теобалд, нутриционистка и експертка за однесување на кучињата, нагласува: „Вашето куче може да ужива во сурова коска, но внимавајте да не дојде до варени коски. Тие можат да се распукаат и да предизвикаат сериозни внатрешни повреди.“


Какви се можните повреди?

Според ветеринарните итни служби, последиците од јадењето варени коски можат да бидат многу сериозни. Кучето може да ги скрши забите, да ја повреди устата, да го запуши хранопроводот, душникот или цревата и да добие запек. Во потешки случаи може да дојде до внатрешно крвавење или перитонитис, опасна бактериска инфекција на стомачната празнина, како и до панкреатитис поради високото ниво на масти.


Опасност демне и во други летни намирници

За време на летните горештини, многу сопственици сакаат да споделат сладолед со своето куче, но експерртите предупредуваат да не го прават тоа. Сладоледот наменет за луѓе често содржи „ксилитол“, вештачки засладувач што е отровен за кучињата. Освен тоа, кучињата често не ја поднесуваат лактозата, па сладоледот може да им предизвика дигестивни проблеми. Наместо тоа, побарајте сладолед направен специјално за кучиња.

Освен варените коски и сладоледот, листата на опасни намирници за кучињата вклучува и авокадо, грозје, кромид, цреши, праски, сливи и сиров компир. Секогаш е важно да проверите дали намирницата е безбедна пред да ја понудите на вашиот миленик.