Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во 12:00 часот, во рамки на работната посета на Атина, ќе оствари средба со неговиот хомолог, министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Гераптеритис.
Како што извести Министерството, во фокусот на разговорите се очекува да бидат идните активности за зајакнување на односите и соработката меѓу двете земји, со акцент на економската и енергетската соработка и инфраструктурното поврзување.
Европската интеграција на регионот, како и актуелните геополитички случувања, исто така ќе бидат дел од темите за кои ќе се разговара, водени од заедничкиот интерес за зајакнување на регионалната стабилност и просперитет на двете земји како непосредни соседи и НАТО-сојузници, се додава во соопштението на Министерството.