Граѓаните од месец во месец се посиромашни – трошоците за живот растат, а платите стагнираат. Според последните податоци, на едно четиричлено семејство во јули му се потребни над 65.000 денари само за основни трошоци. Само за храна, им требаат речиси 24.000 денари. Тоа е повеќе од минималната плата која стои ниско во место, додека цените пробиваат плафон, изјави Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.
Таа додаде дека за само три месеци, синдикалната кошничка е поскапа за 2.637 денари, а годишната инфлација достигнала 4,5%.
„Ова не се бројки на „четврта економија“, туку алармантни податоци за економија во колапс. Јасен, недвосмислен доказ за целосниот дебакл на економските политики на Владата на Христијан Мицкоски. И во вакви услови, додека народот не знае што ќе стави на трпеза, наместо да преземе мерки, Мицкоски прави весела математика со „пет типови синдикални кошнички“.
Фактот дека народот нема пари не може да се сокрие со инженеринг во бројот на кошнички“, рече Костова.
Кога станува збор за функционерите, додаде таа, има пари, а за народот нема.
„Македонија е на дното по животен стандард во Европа. Време е Владата да престане со ПР и калкулации и конечно да ги прифати мерките што СДСМ ги предлага од првиот ден: зголемување на минималната плата на 500 евра и укинување на ДДВ на храна. Ова се вистински, конкретни чекори што ќе донесат реална помош и ќе го подобрат стандардот на граѓаните“, рече Костова.