Шукова: Имам решенија за чисто, уредено и безбедно Скопје кое дише

Макфакс

19/07/2025

14:25

206

Големина на фонт

а а а

Скопје може и мора да биде град за луѓето — чист, уреден, сообраќајно среден, зелен и безбеден. Град со кој ќе се гордееме, кој ќе биде наш дом, а не пазар на интереси, кажа денеска на прес-конференција, Каја Шукова, кандидатка на СДСМ за градоначалничка на Град Скопје.

„Моите определби ќе бидат:

– да го исчистиме Скопје и направиме функционални претпријатија за управување со отпадот;

– да направиме конкретен план и постигнеме резултати за чист воздух и чиста животна средина. Ова се моите први приоритети, области во кои имам многу знаење и искуство;

– да го обновиме јавниот превоз и да создадеме град во кој може да се стигне навреме и без нервози;

– да го запреме урбанистичкиот хаос и да ја вратиме контролата на граѓаните врз урбанизмот;

– да се посветиме на обнова и одржување на постојната инфраструктура на градот;

– да направиме реформи за целосна дигитализација и искоренување на корупцијата и влијанијата кои доаѓаат од оние кои Скопје го гледаат како бизнис интерес;

– да ја вратиме културата, животот и урбаниот дух на Скопје кој толку многу недостига во моментов;

– да ја вратиме безбедноста во градот, секој ден и секој чекор по скопските улици мора да биде безбеден и удобен за секој граѓанин“, рече Шукова.

Таа нагласи дека се кандидира да стане градоначалничка на сите скопјани, независно дали се поддржувачи на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на некоја трета партија или на ниту една. За мене, вели Шукова, сите граѓани се еднакво важни.

„Верувам дека политичките битки и поделби никогаш повеќе не смеат да бидат на штета на скопјани. Дека токму политичката алчност, бизнис и личните интереси на оваа власт, како и длабоката партизација на градот во изминатите четири години го донесе онаму каде што е денес, на своето историско дно во однос на развој, изглед и функционалност. Токму ова никогаш не смее да ни се повтори и затоа јасно порачувам: ако ја добијам вашата подршка ќе докажам дека Градот е над политиката. Скопје не е партиско седиште, туку град на сите кои живеат во него. И мора да се управува професионално“, рече Шукова на прес-конференцијата.