„СДС забораваат да кажат дека токму решението за регулирање на статусот на училиштето на Исламската верска заедница, кое го донесе нивниот премиер, Талат Џафери, беше укинато од Уставниот суд поради тоа што го прекршуваше принципот на секуларност на државата“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција на Kристина Kостова.
„Новиот закон за верски училишта кој го предлага Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е изготвен врз основа на уставните одредби, кои предвидуваат верските заедници да можат да основаат училишта, како и согласно сите претходно пристигнати сугестии во надлежното министерство.
Законското решение ги става учениците од овие училишта во еднаква положба, односно се изедначуваат нивните права со правата на останатите ученици во другите училишта. Тоа е суштината, примена на принципот на еднаквост на сите ученици, односно еднаков пристап од образование.
Па така, доколку ученик од средно верско училиште сака да се запише на факултет кој е надвор од областа која ја изучувал во средното образование, наместо училишна, потребно е да одбере државна матура, на која ќе треба да го полага соодветниот предмет, Тоа значи дека треба да се подготви за полагањето, да го совлада материјалот по тој предмет.
Нема ништо противуставно. Едноставно, се нуди решение за долгогодишен предизвик кој учениците од верските училишта ги ставаше во нееднаква положба со сите останати ученици.
СДС не мора да го поддржи предлогот. Тие ниту работеле, ниту ќе работат во интерес на младите и воопшто на граѓаните на Македонија. Нивните лоши политики во образованието и сите други сфери, иселија 17 илјади ученици и 7 илјади студенти во период од 7 години“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.