Американските лекари предупредуваат: Четворица починати на Флорида од бактерија што „јаде месо“

Макфакс

18/07/2025

13:05

432

Големина на фонт

а а а

Редок тип бактерија која предизвикува некроза на ткивото (позната како „бактерија што јаде месо“) усмртила најмалку четири лица на Флорида оваа година, соопштија здравствените власти на оваа американска сојузна држава.

Во изминатите неколку месеци се пријавени најмалку 11 случаи на инфекција со бактеријата Vibrio vulnificus во округите Беј, Брауард, Хилсборо и Сент Џонс – области во централна Флорида, популарни кај туристите и крајбрежните заедници.

„Во различни води живеат многу видови бактерии“, изјави инфектологот Даниел Иган од болницата Orlando Health. „Vibrio vulnificus е бактерија која сака солена вода.“ Властите засега не откриваат повеќе информации за починатите.

Иако ретка, инфекцијата со оваа бактерија може да биде многу сериозна. Центарот за контрола и превенција на болести (CDC) годишно бележи помеѓу 150 и 200 пријави. Бактеријата може да предизвика некротизирачки фасцитис – сериозна инфекција при која ткивото околу отворена рана брзо умира. Многу пациенти завршуваат на интензивна нега, а во некои случаи е потребна и ампутација.

Стапката на смртност изнесува околу 20 отсто, а доколку бактеријата навлезе во крвотокот, може да достигне и до 50 проценти. Во многу случаи смртта настапува во рок од два дена по појавата на првите симптоми. Бактеријата се развива во топли, солени и мешани (солено-сладководни) води.

Лекарите предупредуваат дека со глобалното зголемување на температурите, бактеријата може да се прошири и на области каде што претходно не постоела. Најактивна е од мај до октомври, кога температурите на морето се највисоки.

Симптомите вклучуваат повраќање, дијареја, висока температура, треска, забрзано чукање на срцето и дезориентација. Додека кај здрави лица инфекцијата може да помине без сериозни последици, многу поранливи се лицата со хронични заболувања или ослабен имунитет, вклучувајќи и болни од рак.

Во 2024 година CDC регистрирал 82 инфекции и 19 смртни случаи – речиси двојно повеќе од претходната година. Порастот се поврзува со невообичаено големиот број на доцносезонски урагани на Флорида и југоистокот на САД.

Бројот на случаи нагло се зголемил по ураганите Милтон и Хелена, кога поплавните води потиснале топла солена вода кон копнените населени места, што довело до поголема изложеност на луѓето на бактеријата. Научниците предупредуваат дека климатските промени дополнително ќе го зголемат бројот на вакви инфекции. Потоплите океани создаваат посилни бури и подолги урагански сезони – идеални услови за ширење на Vibrio vulnificus.

Министерството за земјоделство на САД проценува дека годишните трошоци за лекување на инфекции од вакви бактерии ќе достигнат 6,1 милијарда долари до 2090 година, во споредба со 2,6 милијарди долари во 1995 година.