Конструктивниот предлог и притисокот на Либерално-демократската партија вроди со плод, велат од партијата. Потпретседателот на ЛДП, Валентин Груевски во изјава за медиумите посочи дека Гувернерот на Народната банка ја слушна и ја поддржа иницијативата на ЛДП за намалување на банкарските провизии и донесе одлука за намалување на трошоците на банките кон НБРМ. Сега на ред се банките да го следат чекорот на гувернерот и да ги намалат високите трошоци кон граѓаните.
„ЛДП минатата есен започна со реализација на кампањата ‘Твоја сметка, твои пари’ и преку претседателката на партијата, Моника Зајкова, поднесе предлог закон до Собранието за намалување и укинување на неоснованите банкарски трошоци. Побаравме намалување или целосно укинување на: плаќањето надоместоци за затворање на сметка, укинување на трошоците за повлекување на пари од банкомат на друга банка, онлајн плаќања и проверка на сметки, намалување на трошоците за подигнување на кредити и други предлог мерки за заштита на граѓаните во процесите во банкарското работење. Во најголемиот дел од земјите во Европската Унија, овие банкарски трошоци не постојат или се минимални, а кај нас се плаќаат огромни провизии. Тој предлог беше одбиен без аргументирана расправа“, вели потпретседателот на ЛДП, Груевски.
ЛДП уште еднаш преку својата пратеничка и претседателка, Моника Зајкова, ќе го поднесе Законот за намалување и укинување на овие трошоци, затоа што според Груевски, за ЛДП најважни граѓаните и нивната економска добросостојба.
„Не смееме да дозволиме апелот од Народната банка да остане само неуспешен обид за намалување на банкарските трошоци и само некој од далеку слушнат глас. Овој позитивен сигнал мораме да го искористиме за да ги намалиме банкарските трошоци“, додава Груевски.
На крај, потпретседателот Валентин Груевски ги повика сите пратеници и сите одговорни институции заеднички да ја завршат оваа иницијатива на ЛДП, законот да биде едногласно поддржан и сите да го почувствуваме бенефитот од оваа законска измена.