ДОМ повика зелената транзиција да биде составен дел од стратешкото партнерство со Обединетото Кралство

Макфакс

18/07/2025

10:20

105

Големина на фонт

а а а

По повод посетата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Обединетото Кралство и потпишувањето на Заедничката декларација за стратешко партнерство, Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поздравува продлабочената соработка меѓу двете земји, особено во делот на економијата, безбедноста и борбата против корупцијата.

Истовремено, Зелената партија ДОМ упатува јавно барање до Владата финансиската рамка од 6 милијарди евра обезбедена во партнерство со UK Export Finance (UKEF) да се интегрираат и приоритетите од стратегијата за одржливост на Велика Британија (UKEF Sustainability Strategy 2024–2029) кои се потенцијален дел од инфраструктурните инвестиции.

Во таа насока, бараат:

– Дел од средствата да се определат за инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, модернизирање на дистрибутивната мрежа на електрична енергија и децентрализирани енергетски системи.

– Да се поттикнуваат проекти за климатска адаптација и зголемена отпорност на локалните заедници кон екстремни временски услови.

– Да се вложува во зелени и циркуларни бизниси, како и во инклузивна економија што создава можности за младите, жените и локалните иноватори.

– Да се гарантира поголемо учество на локалните компании и зелените иноватори во проектите поддржани од британскиот финансиски механизам.

Од ДОМ велат дека со вклучување на одредбите од „Sustainability Strategy“ на Обединетото Кралство, ќе се испрати силна порака дека Македонија ја прифаќа визијата за праведна транзиција, заштита на природата и економски развој кој остава вредност и за идните генерации. Нашата татковина и нашите сограѓан(к)и немаат веќе толеранција за импровизации: инвестициите во инфраструктурата ќе бидат залудни доколку не ја зачуваме животната средина и не создадеме еколошки чиста држава.