Русија: Нашите сили ја презедоа контролата врз три украински села во неколку региони

Макфакс

18/07/2025

08:22

565

Големина на фонт

а а а

Руските сили ја презедоа контролата врз три села во три различни делови од фронтовата линија во Украина, објави вчера руското Министерство за одбрана.

Официјалните украински извештаи за активностите по должината на фронтот долг 1.000 километри го оспорија делот од рускиот извештај, особено во врска со клучно село на југоисток.

Според извештајот на руското министерство, трите окупирани населби се Камјанско во југоисточниот регион Запорожје, Дехтјарне во североисточниот регион Харков и Попив Јар во регионот Донецк.

Руските сили полека напредуваат кон запад, главно низ регионот Донецк, а Москва речиси секој ден најавува освојување на нови села, пишува Ројтерс.

Портпаролот на украинската армија, Владислав Волошин, за liga.net изјави дека држењето на населбата Камјанско, југоисточно од главниот град на Запорошката област, е важно за да се заштити тој град од напади.

Сепак, селото беше речиси срамнето со земја за време на долгите периоди на борби, и како што рече Волошин, украинските сили излегоа од селото и успешно ги нападнаа руските сили секогаш кога мали групи повремено се осмелуваа да влезат во него.

Ројтерс, исто така, наведува дека украинската страна не го потврди руското заземање на селото Попив Јар, кое се наоѓа североисточно од Покровск, кое со месеци е во фокусот на руските напади во регионот Донецк.

Во среда, руската армија го објави заземањето на селото Новохацко, југозападно од Покровско. Друг украински воен портпарол, Виктор Трехубов, вчера потврди за јавната телевизија Суспилне дека селото е во руски раце.