Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во британскиот Форин офис, во рамки на неколкудневната работна посета на Обединетото Кралство, оствари средба со неговиот домаќин – државниот секретар за надворешни работи, развој и Комонвелт на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Дејвид Лами.
Во рамки на оваа средба од историско значење, која отвора ново поглавје во билатералните односи меѓу двете земји, беше потпишана Декларацијата за стратешко партнерство помеѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство. Овој документ има за цел да ги зајакне и унапреди стратешките односи меѓу двете земји, особено соработката во областа на надворешната политика, безбедноста и одбраната, со посебен акцент на сојузништвото во рамките на НАТО, правдата и внатрешните работи, борбата против тешкиот и организираниот криминал, справувањето со корупцијата и незаконските финансиски текови, како и економскиот раст.
Двајцата министри констатираа дека заедничката определба за стратешко партнерство и денешното потпишување на Декларацијата отвораат ново поглавје во билатералните односи.
🇲🇰 🤝 🇬🇧 Ги зајакнуваме билатералните односи со Обединетото Кралство – потпишана Декларација за стратешко партнерство....
Posted by Timco Mucunski on Thursday, July 17, 2025
На средбата стана збор и за неодамнешниот договор „влада со влада“, кој ќе ја зголеми трговијата, ќе го поттикне економскиот раст и ќе овозможи реализација на низа инфраструктурни проекти. Во таа насока беше истакнато дека овој договор ќе овозможи реализација на важни инфраструктурни проекти во различни сектори, вклучувајќи транспорт, здравство, енергетика и технологија. Притоа, се согласија дека двете страни во наредниот период ќе продолжат заеднички да работат на унапредување на соработката во областите од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења и за соработката во рамките на НАТО Алијансата, придонесот за регионалниот и глобалниот мир и стабилност, како и за соработката во рамките на мултилатералните организации.
Во рамки на работната посета на Лондон, министерот Муцунски денеска се сретна и со членовите на парламентарната група за соработка со Република Северна Македонија, а попладнево ќе има свое обраќање на бизнис форум, каде фокусот ќе биде ставен на потенцијалите и можностите за инвестирање во државата.