Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска во Брисел учествуваше на Форумот на високо ниво за проширување, насловен „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ: Улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“, во организација на Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК).
На тркалезната маса учествуваа претседателот на ЕЕСК, Оливер Ропке, министерката за европски прашања на Црна Гора, Мајда Горчевиќ и државниот секретар за Европска Унија на Шпанија, Фернандо Сампедро.
Муртезани нагласи дека процесот на проширување не е само геополитичка алатка, туку простор за заеднички амбиции и вредности. Тој подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на унапредувањето на социјалниот дијалог, јакнењето на граѓанското општество и инклузијата на младите во креирањето политики, како предуслови за одржлива и демократска европска иднина.
Министерот посочи дека Владата неодамна ја усвои Стратегијата за соработка со граѓанскиот сектор и истакна конкретни примери на партнерства со организации од граѓанското општество, нагласувајќи ја нивната улога во зголемување на транспарентноста и кредибилитетот на реформскиот процес. Тој подвлече дека за младите Европа не е далечна идеја, туку секојдневна реалност која бара правичност, иновации и солидарност.
По завршувањето на тркалезната маса, беше одржана заедничка прес-конференција на министрите и претседателот на ЕЕСК, на која Муртезани ја повтори пораката дека проширувањето мора да остане доследен процес заснован на вредности и Копенхашките критериуми.