Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека градоначалничката Данела Арсовска одбива да соработува со полициските службеници од Одделот за внатрешна контрола, кои неколку дена се во објектот на Град Скопје и не успеваат да обезбедат писмена пријава и изјава поврзна со последните дејства во петокот и нејзиното обвинување дека полициските службеници не постапувале.
„Факт е дека полициските службеници од Одделот за внатрешна контрола веќе неколку дена не добиваат изјава од Арсовска“, рече Тошковски појаснувајќи дека МВР без тоа не може да ги преземе дејствата што се во негова надлежност.
Рече и дека, за среќа, Арсовска соработува со одделот што прераспределува и се грижи за сигурноста и имотот на државата и на одредени ВИП-личности. Истовремено, вели Тошковски, добра околност е и тоа што Арсовска има 24-часовно обезбедување, кое се грижи за нејзината безбедност, и добро е што го прифатила иако не го побарала. По препорака од Агенцијата за национална безбедност, МВР ѝ доделило обезбедување за заштита на нејзината безбедност.
Дивоградбите ќе се уриваат ако се утврди дека се проблем за безбедноста на граѓаните, рече Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека една од општините во која вчера е влезено од страна на Одделот за организиран криминал е Општината Чаир. Рече дека полициските службеници влегле и во Сарај и Аеродром, а ќе се прегледува работата и во Општина Кисела Вода.
„Сакам да напоменам дека ова се секојдневни активности на МВР. Не е дека јавноста има интерес и се постапува. Ова се тековни активности по кои се постапува секојдневно“, рече Тошковски одговарајќи на новинарско прашање за дивоградбите.
Прашан од новинарите што е следно, дали дивоградбите ќе се рушат, Тошковски изјави дека мора да се постапи во согласност со законот.
„Ако се утвтрди дека се работи за дивоградба и тоа претставува проблем за безбедноста на граѓаните, секако дека треба да биде предмет на уривање“, рече министерот.