Мобилните царински тимови на Царинска управа во текот на изминатите денови сузбија повеќе случаи на криминални активности, меѓу кои и обид за трговија со фалсификувани маски за телефон „Ејпл“ при што запленети се вкупно 5,6 илјади парчиња.
Во текот на изминатата една година мобилните тимови од Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги открија и спречија 275 обиди за криминални активности, или за повеќе од двојно споредбено со годината претходно кога имало евиденција за 118 заплени.
Во продолжение детали од заплените на мобилните царински тимови во текот на изминатите денови:
· Мобилен царински тим заплени над 5,6 илјади парчиња фалсификувани маски за телефон „Ејпл“ коишто увозник од Скопје со намера да го скрие делото, логоата ги прикривал со пластифицирани налепници. За истото по поведена постапка за повреда на право од интелектуална сопственост, е утврдено дека станува збор за фалсификувана стока која во нашата држава требало да се продава како оригинална. Вкупната проценета вредност доколку би се продавале како оригинални е 5,6 милиони денари.
· Мобилен скенер на Табановце при контрола на товарно моторно возило заплени над 112 парчиња разна стока, во најголемиот дел спортска облека со потписот на „Најк“, што сторителот се обидел да ја шверцува во државата.
· Патничко комбе натоварено со специјално дизајниран и изработен разладувач наменет за македонска фирма, чиј испраќач е фирма од Србија поминал на граничен премин без да ја пријави стоката и за неа да плати царински давачки. Истото е стопирано на патниот правец Куманово – Скопје од мобилен царински тим од којшто е спречен во намерата. Против сторителот е поведена соодветна постапка, а стоката е запленета.
Мобилен царински тим при контрола на патничко моторно возило на влез во државата на граничен премин Табановце кај четворица патници, македонски државјани, откри вкупно 60 илјади евра. На патниците, согласно Законот за девизно работење вратени им се по 10 илјади евра, а останатите вкупно 20 илјади евра се запленети.