Славниот аргентински фудбалер Езекиел Лавеци минуваше низ многу тежок период во својот живот, откако по вторпат за само три недели беше примен во психијатриска установа.
„Тешко е. Но морам да го направам тоа, морам да си го средам животот и навиките. Морам да го сторам тоа заради мојот син“, изјави Лавеци за францускиот весник "L’Équipe".
Да потсетиме, Лавеци првпат заврши во болница откако се повреди при физичка пресметка со својот брат во нивниот дом во Пунта дел Есте, Уругвај. Тогаш доби убодна рана во пределот на стомакот и скршеница на клучната коска. Набргу потоа повторно беше хоспитализиран поради предозирање.
Овие денови, тој потврди дека продолжува со лекувањето, а дополнителна сила му дава и раѓањето на неговото второ дете.
„Добро сум и продолжувам со терапијата. Среќен сум поради сè ова“, изјави некогашниот одличен фудбалер.
Лавеци своевремено беше најплатениот фудбалер во светот, заработувајќи над 20 милиони евра годишно во кинескиот Хебеи. Во текот на кариерата настапуваше и за Наполи и Париз Сен Жермен.