62 балони летнаа кон небото во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот во „Пулс“

Макфакс

12/07/2025

21:11

177

Големина на фонт

а а а

Во знак на сеќавање и почит кон загинатите во пожарот од 16 март годинава во дискотеката „Пулс“, попладнево во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани се одржа комеморативен настан што го организираше Општината со подршка на Црвениот крст, како дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот.

Со многу емоции, членовите на семејствата на настраданите, облечени во црни маички, два часа ја следеа актерката Наталија Теодосиевска, кочанчанка, која со збор и фотографија ги спомена сите загинати што потекнуваат од Кочани, Оризари и општината Чешиново – Облешево.

Комеморацијата заврши на отворена сцена, на јужната страна од ЦК „Бели мугри“ каде од рацете на деца во воздух летнаа 62 балони со имињата на прерано прекинатите 62 млади животи.

На присутните во салата на кочанската Национална установа им се обрати и Живко Гроздановски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија.

Потоа, членовите на семејствата на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 –ти март, придружувани од граѓани, заминаа на протестен марш во чест на нивните ангели низ улиците на Кочани.