ОН тврди дека најмалку 798 Палестинци се убиени во Газа додека примале помош

Макфакс

11/07/2025

19:16

182

Големина на фонт

а а а

Најмалку 798 луѓе во Газа се убиени додека примале хуманитарна помош во изминатите шест недели, соопшти канцеларијата на ОН за човекови права.

Како што пишува „Скај њуз“, портпаролот на Високиот комесар на ОН за човекови права изјави дека 615 од убиствата – помеѓу 27 мај и 7 јули – се случиле „во близина“ на локации управувани од контроверзниот Хуманитарен фонд за Газа (ГХФ) поддржан од САД и Израел.

Други 183 лица „веројатно се убиени по рутата на конвоите со помош“, според Равина Шамдасани.

Канцеларијата соопшти дека нејзините податоци се собрани од различни извори, вклучувајќи болници, гробишта и семејства во Појасот Газа, како и невладини организации, партнери на терен и здравствени власти управувани од Хамас.


ГХФ, според „Скај Њуз“, тврди дека податоците се „лажни и погрешни“ и постојано негира какво било насилство на или околу нивните локации.

Организацијата започна со дистрибуција на пакети со храна во Газа кон крајот на мај, откако Израел ја ублажи 11-неделната хуманитарна блокада на крајбрежната енклава.

ГХФ има четири дистрибутивни центри, од кои три се во јужниот дел на Појасот Газа. Локациите се недостапни за независните медиуми, чувани од приватни компании за обезбедување и се наоѓаат во области каде што дејствува израелската војска.