Хрватската влада денеска до тамошниот законодавен дом го испрати предлогот за измени на Законот за одбрана и Законот за служба во вооружените сили, со кои, меѓу другото, повторно се воведува задолжително основно воено оспособување.
Во образложението, премиерот Андреј Пленковиќ посочи дека Владата смета дека овие документи се неопходни, имајќи ги предвид значително променетите глобални безбедносни околности.
Тој потсети дека Хрватска од 2008 година има суспендирана одлука за задолжителна воена служба и дека со овие измени ќе се создадат предуслови младите генерации да стекнат потребни вештини, што ќе ја зајакне силата на Хрватската војска.