„Успеавме да спречиме Европскиот парламент да се користи за домашна политичка пропаганда на Мицкоски. Северно- македонскиот премиер очигледно не е возбуден од позитивниот развој на неговата земја, туку води битка од сугестии кои се неплодни.
Бугарија е силна земја, Бугарија е фактор и во Европската Унија и во регионот што РС Македонија мора да го земе предвид. Ние сме земја-членка на ЕУ, а РСМ засега е само кандидат“.
Ова го изјави министерот за надворешни работи Георг Георгиев во врска со извештајот на Европскиот парламент, од кој беа избришани „македонскиот јазик и идентитет“, и последователното обвинување од Христијан Мицкоски дека Бугарија сака да ја уништи Македонската нација, пренесуваат бугарските медиуми.
„Ние ја поддржуваме и ќе ја поддржуваме РСМ на нејзиниот пат кон европска интеграција“, додаде Георг Георгиев.
Во разговор за bTV, тој потсети дека спорот за историјата им бил оставен на историчарите кога бил потпишан Договорот за пријателство и добрососедство.
А темите поврзани со јазикот и идентитетот треба да ѝ припаѓаат на научната заедница. Имаме заедничка историја и ова не треба да го експлоатира никој, рече министерот за надворешни работи.
„Мицкоски спроведува кризен ПР веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани затоа што ги излажал. Верувам дека граѓаните на РСМ, кои го заслужуваат своето членство во ЕУ и заслужуваат лидери кои можат да ги водат кон тоа, можат да разликуваат што е реално на патот на европската интеграција и што ги оддалечува од неа“, додаде Георгиев.