Министерството за внатрешни работи постапува по наредба од јавен обвинител во врска со случаите на дивоградби на подрачјето на скопската општина Чаир. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека институциите работат на утврдување на фактите, а резултатите се очекува да бидат видливи во скоро време.
На прес-конференција во Владата, каде што ги презентираше резултатите од првата година од мандатот, Тошковски истакна дека МВР спроведува неселективна и бескомпромисна борба против прекршувањата на законот, нагласувајќи дека постапките се водат и против високи функционери, вклучително и врховни судии, директори, поранешни и актуелни градоначалници.
Во однос на случајот со Чаир, министерот наведе дека не располага со информации дали е веќе утврден конкретен случај на дивоградба, но потврди дека Министерството постапува по наредбата на обвинителството.
„Ќе се видат резултатите, ова не е буцни прачка, пиј вино.. Ќе постапиме како што тоа се прави во секоја европска држава“, рече Тошковски, додавајќи дека ниту еден предмет нема да биде оставен без институционален одговор.
Претходно градоначалничката, Данела Арсовска, до Обвинителството достави документи за незаконски легализации на дивоградби, тврдејќи дека со фалсификат биле легализирани од градоначалникот Висар Ганиу.