Кина воведува царини за увоз на алкохолни пијалоци од ЕУ

Макфакс

04/07/2025

16:55

128

Големина на фонт

а а а

Кина одлучи да воведе царини за увоз на алкохолни пијалоци од ЕУ во период од пет години, откако компаниите ги пласираа на кинескиот пазар по цени под трошоците за производство, објави денес Министерството за трговија.

Царините, кои се движат од 27,7 до 34,9 проценти, ќе се воведат од сабота и ќе останат во сила пет години, соопшти министерството.

Компаниите кои доброволно се обврзале да ги продаваат своите алкохолни пијалоци по одредена минимална цена ќе бидат ослободени доколку ги исполнат потребните услови, соопшти министерството.

Мерката ќе опфати повеќе од 60 компании, според списокот од Министерството за трговија, а 34 од нив би можеле да ги исполнат условите за ослободување, се додава во соопштението.

Производителите на коњак предложија минимални цени за увоз кои се движат од шест до 85 долари за литар и постигнаа прелиминарен договор со Пекинг, соопштија информирани извори кон крајот на минатата недела.

Почетокот на минатата година, кинескиот регулатор отвори истрага за тоа дали алкохолните пијалоци произведени во ЕУ се продаваат во Кина под трошоците за производство, по жалбите од домашните производители на алкохолни пијалоци.

Истрагата на Министерството за трговија покажа дека жалбите се основани и дека кинеските компании би можеле да претрпат значителна штета поради ваквите практики на производителите од ЕУ.

Претставниците на ЕУ постојано ги негираа кинеските обвинувања, потсетува агенцијата ДПА.

Извор од француската влада пред една недела изјави за Ројтерс дека кинеските претставници постојано ги поврзувале разговорите за коњакот со разговорите на ЕУ за електрични возила. Тој додаде дека француската влада отфрлила поврзаност меѓу двата случаи, но изрази претпазлив оптимизам, велејќи дека може да се постигне формален договор пред 5 јули.

Пекинг сака ЕУ да ги замени увозните тарифи за кинеските електрични возила со обврзувачки минимални цени по примерот на оние предложени за коњакот, велат изворите.

Кина изјави дека разговорите за електричните возила влегле во последната фаза, но претставниците на ЕУ велат дека напредокот е ограничен.