Тројца насилници со железни и дрвени палки, клоци и боксови претепале вработен во „Водовод“ пред пунктот на претпријатието во Шуто Оризари. Жртвата со тешки повреди и скршеници е пренесен во болница. Едниот насилник е уапсен, останатите двајца се во бегство.
Обвинителството отвори истрага против лицата.
„На 2 јуни, пред пункт на „Водовод“ во населбата Шуто Оризари, осомничените во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз еден оштетен вработен во пунктот. Додека тој го паркирал возилото пред влезната врата на објектот, тројцата осомничени го нападнале од зад грб, видно агресивни без посебен повод или причина. Започнале да го удираат со дрвени и железни палки, клоци и боксови по главата и по телото, нанесувајќи и на жртвата тешки телесни повреди – фрактури на повеќе коски. Со насилството била предизвикана вознемиреност и страв и кај други лица – сведоци на настанот“, соопшти Обвинителството.
До овој момент, уапсен е еден од осомничените, 29-годишник за кого јавниот обвинител денеска поднесе предлог за определување мерка притвор до Судот, поради можноста да се даде во бегство, да го повтори делото или да влијае врз сведоците и врз оштетениот.
Останатите двајца осомничени се идентификувани, станува збор две лица од Сингелиќ на возраст од 38 и 40 години, но се во бегство од моментот на извршување на делото, па јавниот обвинител издава насоки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода.