БГНЕС: Се очекува Европскиот парламент да го отстрани „македонскиот идентитет и јазик“ од извештајот за Северна Македонија

Макфакс

03/07/2025

12:59

423

Големина на фонт

а а а

Следната недела на пленарната седница во Стразбур се очекува мнозинството во Европскиот парламент да ги поддржи амандманите кои предвидуваат отстранување на термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, пишува бугарската новинска агенција БГНЕС.

Според медиумот, трите најголеми политички групации – Европската народна партија (ЕНП), Социјалистите и демократите (С&Д) и Обнови ја Европа – постигнале согласност за измените.

Нацрт-резолуцијата, базирана на извештајот на Томас Вајц, според БГНЕС, ја критикувала геополитичката стратегија наречена „Српски свет“ и имала за цел промена на границите на Балканот, вклучувајќи ги Република Српска, Црна Гора, Косово и Северна Македонија.

Покрај тоа, како што се додава, извештајот ја нагласува потребата за отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС) и нивно регионално истражување за надминување на тоталитарното минато и зајакнување на демократијата во Западен Балкан.

БГНЕС пишува и дека во документот е истакнато и присуството на странски влијанија во Северна Македонија, вклучувајќи антиевропски наративи преку медиуми на српски јазик со врски кон Кремљ, како и континуирани активности на руски тајни мрежи, што било потврдено со протерување на 13 руски дипломати помеѓу 2018 и 2023 година.

Се нагласува дека земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, се изложени на хибридни закани, дезинформациски кампањи, стратешка корупција од Русија и Кина.

Посебна загриженост, како што пишува агенцијата повикувајќи се на извештајот, предизвикуваат улогите на Унгарија и Србија во поддршка на геополитичките цели на Кина и Русија, како и ризикот од економска зависност преку нерамноправни кредитни договори.