Најмалку петмина загинати во невремето што ја погоди Кина

Макфакс

02/07/2025

12:16

82

Големина на фонт

а а а

Пет лица загинаа, а три лица се водат како исчезнати откако поројните дождови ја погодија кинеската покраина Хенан, соопштија локалните власти.

Според информациите од Кинеската централна телевизија (CCTV), врнежите ги погодија градовите Тајпинг и Ерлангпинг, со 225 милиметри врнежи, објави кинеската „Ти дејли“.

Ненадејните поројни дождови предизвикаа катастрофални поплави, оштетувајќи ја инфраструктурата и предизвикувајќи големи тешкотии за населението.

Метеоролошките власти во Пекинг денес прогласија вонредна состојба од ниво четири поради претстојниот бран обилни врнежи, со очекувано влијание врз Пекинг, Тјенџин и Хебеј.

Според информациите од Бирото за управување со вонредни состојби во Пекинг, силен дожд ќе го погоди регионот од попладне до утре наутро.

Во претходните часови, Кинеската метеоролошка администрација (KMA) издаде сино предупредување за бури во 14 региони, прогнозирајќи дека во некои делови од северна и централна Кина, врнежите ќе достигнат од 100 до 160 милиметри.

Се очекуваат и поројни врнежи од дожд, кои можат да предизвикаат поплави и геолошки катастрофи во планинските подрачја.

Според извештајот на KMA, областите во северните и централните провинции Шанкси, Тјенџин, Пекинг, Тјенџин и Хебеј ќе се соочат со обилни врнежи од дожд и можни планински поплави.

Властите предупредија на ризикот од геолошки катастрофи, како и прекини во сообраќајот во урбаните средини.

Дополнително, Кинеската метеоролошка администрација издаде жолто предупредување за тешки временски услови, предвидувајќи грмотевици со налети на ветер и град во некои делови од северна и југозападна Кина, објави „Глобал тајмс“.

Властите ги повикаа локалните самоуправи да преземат потребни мерки за заштита на населението и подготовка за потенцијални поплави, пренесува Танјуг.