Иран ја прекинува соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија

Макфакс

02/07/2025

12:15

105

Големина на фонт

а а а

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ја суспендираше соработката на Техеран со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), потег што беше официјално потврден по неодамнешната 12-дневна војна меѓу Иран и Израел. Одлуката беше објавена на иранската државна телевизија, а законот за суспендирање на соработката беше усвоен од иранскиот парламент на 25 јуни, денот по завршувањето на конфликтот, а подоцна ратификуван од Уставниот совет.

Според официјалното соопштение, соработката со МААЕ ќе биде суспендирана додека не се исполнат одредени услови, вклучително и гаранции за безбедноста на нуклеарните капацитети и научниците на Иран.

Покрај тоа, Иран повеќе не му дозволува на генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, да влезе во земјата или да инсталира камери за надзор во неговите нуклеарни постројки. Овој потег претставува значителна ескалација на односите меѓу Техеран и МААЕ, при што иранските власти ја обвинуваат агенцијата за пристрасност и молчење за време на нападите на САД и Израел врз иранската нуклеарна инфраструктура.

Тензиите дополнително се зголемија откако МААЕ усвои резолуција на 12 јуни во која го обвинува Иран за непочитување на своите нуклеарни обврски, што иранските власти го наведоа како една од причините за последователните израелски напади.

Иранските медиуми и политичари остро го критикуваа Гроси, а ултраконзервативниот весник „Кајхан“ дури го обвини за шпионажа за Израел, тврдење кое западните земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Обединетото Кралство, остро ги отфрлија и осудија заканите.

Одлуката за прекин на соработката со МААЕ дополнително го комплицира меѓународниот надзор врз нуклеарната програма на Иран, особено откако иранските објекти во Фордо, Натанц и Исфахан беа цел на израелски и американски напади кон крајот на јуни.