САД ги суспендираа некои испораки на оружје за Украина, потврди канцеларијата на американскиот претседател. Во исто време, Русија ги засилува нападите врз Украина.
Одлуката е донесена „за да се заштитат интересите на САД“, изјави синоќа портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, повикувајќи се на ревизија од страна на Министерството за одбрана на САД за „воена поддршка и помош на други земји“.
Вашингтон испратил десетици милијарди евра воена помош на Украина од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, но некои членови на администрацијата на Трамп изразија загриженост дека американските залихи се намалуваат.
Украинската влада сè уште не го коментираше соопштението. Американските претставници не прецизираа веднаш кои испораки се суспендирани. Според Ројтерс, засегнатите испораки вклучуваат ракети за воздушна одбрана и прецизна муниција.
„Министерството за одбрана продолжува да му нуди на претседателот силни опции за континуирана воена помош за Украина“, рече Елбриџ Колби, помошник-министер за одбрана на САД за политика.
Во исто време, додаде Колби, „Министерството темелно го разгледува и прилагодува својот пристап кон постигнување на оваа цел, земајќи ја предвид подготвеноста на американските сили за одбранбените приоритети поставени од администрацијата“.
Американски функционер рече дека одлуката е донесена поради загриженоста дека американските воени залихи би можеле да паднат премногу ниско, објави партнер на Си-би-ес Њуз.
„Силата на вооружените сили на Соединетите Американски Држави не е доведена во прашање – само прашајте го Иран“, додаде Кели, осврнувајќи се на американските напади врз три ирански нуклеарни објекти минатиот месец.
Одлуката доаѓа кратко откако американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со својот украински колега Володимир Зеленски на самитот на НАТО во Холандија минатата недела.
Во таа прилика, Трамп, кога беше прашан од Би-би-си за испораката на дополнителни системи за воздушна одбрана „Патриот“ на Украина, рече дека американските претставници „ќе проверат дали некои од нив можат да бидат достапни“. Зборувајќи за разговорот со Зеленски, Трамп рече: „Понекогаш беше напнато, но тој беше многу љубезен“.
Двајцата имаа жестока размена на мислења во Овалната соба во март оваа година. После тоа, Трамп објави дека ја паузира воената помош за Украина, која претходно беше одобрена од администрацијата на Бајден. Споделувањето разузнавачки информации со Украина беше исто така суспендирано.
Двете суспензии подоцна беа укинати.