Иако "Lexus" сè уште не успева да го пробие фронтот во Европа што го држат "Audi A4", "BMW" серија 3 и "Mercedes C"-класа, наскоро би можело да дојде до пресврт.
Особено доколку "Toyota" одлучи да задржи барем дел од класичната моторизација. Дизел опциите веќе не се пресудни, но голем бензинец би бил добредојден. Инаку, "IS500" е мошне популарен избор во САД. Независниот дизајнер "Theophilus Chin" понуди визија за тоа што би можела да претставува ознаката "IS" во блиска иднина.
Актуелниот "IS" е лансиран во 2013 година, а моделот како лимузина е присутен уште од 1999. За разлика од другите модели на "Lexus", кај овој спортскиот карактер не завршува само на дизајнот. Особено „F“ верзијата, која доби симпатии и кај помладите фанови на луксузниот бренд на "Toyota".
Илустрациите се базираат на концептот "Lexus Electrified Sedan" од 2021 година, кој поттикна шпекулации за целосно електричен наследник на "IS". За да го усогласи моделот со стандардите за 2025 година, "Theottle" го освежи надворешниот дизајн користејќи елементи од новиот "Lexus ES", претставен годинава.
Предниот дел останува остар и агресивен, со аголни "LED" светла и спортски, триаголни отвори на браникот. Малиот отвор на носот на возилото упатува на хибриден погон – интересна дистанца од целосно електричниот концепт. Главен погодок е обновената "Spindle" решетка, која сега изгледа порафинирано.
Страничниот профил останува верен на радикалните линии на концептот, со задржана линија на кровот и пропорции. Воведени се поконвенционални површини и дизајнерски линии преземени од поголемиот модел "ES". Нов сет алуминиумски фелни, класични ретровизори и обични рачки за врати му даваат на автомобилот реален изглед – како да е во последна фаза на развој.
Со "ducktail" спојлер над тенка, целосно широка "LED" светлосна лента, задниот дел претставува значително отстапување од класичниот изглед на лимузина. Рамената се поизразени, а задното стакло е понаклонето.
И покрај ветувачкиот изглед на овие рендери, нема гаранција дека серискиот модел ќе изгледа идентично. "Lexus" засега сè држи во тајност – камуфлираните прототипи сè уште не се подготвени за јавноста. Сепак, со оглед на тоа што актуелниот "IS" е на пазарот од 2013 година и помина две освежувања (2017 и 2020), сосема е разумно да се очекува нова генерација многу скоро.
"Lexus" неодамна ги претстави "Climax" и "Ultimate Edition" верзиите на "IS 500" во Јапонија и САД, што јасно укажува дека деновите на атмосферскиот "V8" мотор се одбројани. "Toyota" е посветена на хибридни и други погонски решенија, што укажува дека следниот "IS" ќе има хибридни опции, а веројатно и целосно електрична верзија. "V8" моторот, пак, речиси сигурно заминува во историјата.