Во првата година од мандатот на министерката за образование и наука, Весна Јаневска, се испорачани значајни резултати – учебници на 1 септември, зголемени плати за наставниците и универзитетските професори, изградба на нови училишта и сали, како и темелна обнова на студентски домови.
На денешната прес-конференција во МОН, Јаневска, придружувана од заменик-министерот, државниот секретар и директорите на клучните сектори, порача дека заеднички се поставуваат темелите на модерен, конкурентен и ефикасен образовен систем кој нуди еднаквост, знаење и вистински вредности за сите.
„Недостигот на учебници беше првиот предизвик со кој се соочивме. Го надминавме, и покрај кратките рокови. Испечативме и испорачавме веќе одобрени учебници, а подготвивме и нови наставни материјали за предмети за кои претходно немаше ниту едно помагало. За средното стручно образование печатени се над 100 нови наслови. Учениците имаат и ќе имаат од што да учат“, истакна Јаневска.
Министерката додаде дека веќе се во тек постапките за набавка и печатење на нови учебници за наредната учебна година, вклучително и оние по странски јазици кои недостасуваа шест години.
Посебна благодарност упати до наставниците, кои, како што рече, активно учествувале во сите реформи.
„Одлучивме за етапно, но реално покачување на платите на наставниците во наредните четири години. Веќе добија зголемување над 12%. Универзитетските професори од јануари годинава добија зголемување од 14%“, рече министерката.
Истовремено, наставниците се ослободени од тројно внесување идентични податоци, со што добиваат повеќе време за квалитетна настава.
Во делот на инфраструктурата, Јаневска информираше дека со 2 милијарди денари се градат седум нови училишни објекти, се реконструирани 20, се градат четири спортски сали, а темелно се обновуваат два студентски дома во Скопје. Над 50 училишта ќе добијат фотоволтаици, продолжува изградбата на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, а наскоро ќе започне изградба на кампуси за Универзитетот „Мајка Тереза“ и за Медицинскиот факултет во Штип.
„Од почетокот се залагам за оптимизација на училишната мрежа и воведување на едносменска работа. Тие два процеса ќе овозможат поквалитетна настава, поголема социјализација, заштеда и ефективно реинвестирање. Оваа година 153 училишта работеа во една смена, а наскоро ќе се приклучат уште шест“, рече министерката.
Посебно задоволство изрази од соработката со студентите, кои доставиле 10-тина прифатени предлози за проширување на нивните права и можности.
„Науката ни е во фокусот. Двојно го зголемивме буџетот за научно-истражувачка дејност – 680 милиони денари. Објавивме три повици за финансирање на иновативни проекти и станавме партнери со Истражувачкиот центар на Европската комисија, кој отвори врати за нашите истражувачи. Web of Science и Scopus се достапни бесплатно за сите студенти и вработени на државните универзитети“, додаде Јаневска.
Во изминатата година, Државниот просветен инспекторат и службите на МОН извршиле над 2.000 надзори. Поради непостапување по насоки, затворени се 14 приватни научни институти и школи. По години занемарување, повторно се активирани лекторатите по македонски јазик – шест лектори работат во Хрватска, Словачка, Кина, Италија, Романија и Полска.
Јаневска информираше и за пет нови закони: ангажирање образовни асистенти, поддршка за талентирани ученици и ментори, финансиска помош за наставнички здруженија и организатори на олимпијади, како и за формално образование за лица во казнено-поправни установи и за возрасни ученици кои не посетувале училиште.
„Времето го покажа резултатот од негрижата – деца последни на ПИСА тестирања, универзитети кои ги нема на ранг-листи и научници кои бегаат во странство. Затоа темпото мора да продолжи. Ви благодарам и на вас, медиумите, што ги следите институциите и со критика ни помагате да бидеме поефикасни“, заврши Јаневска.