Собранието го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за царински тарифи. Со изгласувањето на овие измени, Собранието даде зелено светло на планот на Владата за намалување на царинските давачки за голем број суровини и репроматеријали кои се клучни за домашната индустрија и енергетскиот сектор. Со предлогот се предвидува намалување до 50% на царинските стапки кои важат во ЕУ и се укинуваат царините за увоз на стоки со потекло од САД, изјави Љупчо Пренџов, пратеник од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
Според него, овие мерки ќе имаат повеќеслојно позитивно влијание: намалени трошоци за производство, подобрена конкурентност на домашните компании на странските пазари и поттикнување на нови инвестиции и отворање нови работни места.
Како што рече, укинувањето на царините за стоки со потекло од Соединетите Американски Држави не е само трговска, туку и стратешка и дипломатска одлука – сигнал за нашата зголемена подготвеност за продлабочена економска соработка со стратешките партнери и поддршка за слободната и фер трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе бидат поконкурентни, цените на производството ќе се намалат, извозот ќе се зголеми, што директно ќе се одрази врз растот на националната економија“, рече Пренџов.