Изгаснат пожарот во Трубарево што ги труеше жителите на Гази Баба и Аеродром

Макфакс

25/06/2025

08:32

149

Големина на фонт

а а а

По девет часа интензивна работа и посипување на повеќе од 40 камиони земја на локацијата во Трубарево, повеќе нема бел чад, ниту мирис на изгорена пластика, кабли и слични штетни материјали, информира градоначалникот на Општна Гази Баба, Бобан Стефковски. Тој претходно кажа дека причина за загадениот воздух и смрдеата што се ширеше низ општините Гази Баба и Аеродром бил пожар во Трубарево каде горел отпад односно делови од возила. Како што кажа Стефковски, причинител на загадување е човечки фактор.

„Јавна благодарност до комуналните редари од Секторот за инспекција на Општина Гази Баба, кои и покрај тоа што вчера беа на терен со мене до 02:00 часот по полноќ, утрово од 10:00 часот повторно беа активни на терен и го открија изворот на загадувањето. Јас сум најголемиот критичар на нивната работа, секогаш барам повеќе резултати, но во овој случај заслужуваат јавно признание – лично од мене. Благодарам и на луѓето од ЈКП Гази Баба, кои со механизација работеа неуморно – повеќе од 9 часа!“, објави Стефковски рано утрово на „фејсбук“.

Претходно, тој кажа дека вчера, инспекциската служба на Општина Гази Баба, при сеопфатна теренска акција, пронајде локација во непосредна близина на Трубарево, од која се ширеше густ бел чад.


„При увидот на лице место, утврдено е дека од страна на непознат сторител била истурена и запалена поголема количина отпад – делови од возила поминати на преса! При горењето се ширеше неподнослив мирис на изгорена пластика, кабли и други штетни материјали, што директно го загадуваше воздухот. Локацијата е тешко пристапна, но токму тоа, заедно со природата на отпадот, јасно укажува на намера – нарачан, свесен, човечки чин со огромни последици! Оваа локација е директен причинител на загадувањето и непријатниот мирис кој ги погоди граѓаните од делови на Гази Баба и Аеродром во изминатите денови“, објави градоначалникот.

Тој им порача на нарачателите на овој, како што рече монструозен чин, дека тоа што го направиле е еднакво на геноцид.

„Ќе направам сè што е во моја моќ да се дознае Вашето име – Прво, за да бидете казнети, Второ, за да не можете да ги погледнете Вашите деца во очи, знаејќи дека самите сте ги труеле“, вели Стефковски.