Трамп: Не ги зголемувајте цените на нафтата, ве гледам, работите во корист на непријателот

Макфакс

23/06/2025

17:17

310

Големина на фонт

а а а

Претседателот на САД, Доналд Трамп, испрати порака на својата платформа Truth Social, предупредувајќи ги „глобалните играчи“ да не ги зголемуваат цените на нафтата додека Блискиот Исток врие од нападите на САД врз нуклеарните постројки на Иран, пренесуваат светските медиуми.

„Не ги зголемувајте цените на нафтата. Ве гледам. Работите за непријателот. Не го правете тоа!“, напиша Трамп, сугерирајќи дека зголемувањето на цените на енергијата би можело да му користи на Иран и дополнително да ја дестабилизира ситуацијата.

Објавата на Трамп доаѓа два дена откако САД извршија напади врз нуклеарните постројки на Иран, потег што предизвика остра осуда од Техеран, Москва и Пекинг, и загриженост за можна поширока ескалација на конфликтот во регионот. Иран веќе најави „невидена одмазда“, а американските бази во регионот се ставени во состојба на висока готовност.

Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 2,5 проценти на глобалните пазари минатата недела и продолжија да растат денес, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето на Блискиот Исток откако САД ги бомбардираа нуклеарните постројки на Иран во саботата.

Цената на барел на лондонскиот пазар порасна за 3,6 проценти минатата недела на 77,01 долари, додека на американскиот пазар, барелот порасна за 2,7 проценти на 73,84 долари.

Во понеделникот наутро, цените пораснаа за повеќе од 2 проценти на највисоко ниво за пет месеци. Ова е последица на ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, откако САД се вклучија во војната меѓу Израел и Иран.

Во саботата, американските воени авиони бомбардираа три нуклеарни постројки во Иран, што треба да го спречи Техеран да произведува нуклеарно оружје. Иран одговори со уште пожестоки ракетни напади врз цели во Израел, што се заканува дополнително да го ескалира конфликтот на Блискиот Исток.

Трговците стравуваат за испораките на нафта преку Ормутскиот теснец, низ кој дневно минуваат 18 милиони барели нафта, кондензат и гориво. Вашингтон ја повика Кина да го спречи Иран да го затвори теснецот низ кој минуваат околу 20 проценти од светската нафта.

„Во сценарио каде што Иран селективно го нарушува Ормутскиот теснец, цената на барел нафта би можела да се искачи над 100 долари“, рече Вивек Дар, аналитичар во Комонвелт банката на Австралија. Во изминатите десет дена, колку што трае ракетниот оган меѓу Израел и Иран, цената на барел нафта на лондонскиот пазар се зголеми за повеќе од 13 проценти, а на американскиот пазар за повеќе од 10 проценти, според написите на светските агенции.