Најмалку 240 лица беа ранети во иранските ракетни напади утрово, објави Асошиејтед Прес, повикувајќи се на израелското Министерство за здравство.
Четири лица се сериозно повредени, додека огромното мнозинство се полесно повредени, вклучувајќи повеќе од 70 лица во болницата Сорока во јужниот град Бершеба. Чад се издигаше од болничкиот комплекс додека службите за итни случаи ги евакуираа пациентите.
Двајца лекари изјавија за АП дека ракетата ја погодила болницата речиси веднаш откако се огласиле сирените, предизвикувајќи силна експлозија што ја слушнале од безбедносната соба. Лекарите зборуваа под услов на анонимност бидејќи не биле овластени да зборуваат со медиумите.
Болницата Сорока претрпе голема штета. Директорката Шломи Кодеш претходно изјави дека неколку одделенија се целосно уништени, а десетици луѓе – пациенти и медицински персонал – се повредени во болницата, главно од скршено стакло и урнати тавани.
Паралелно со овој напад, ракета погоди и облакодер во Рамат Ган, недалеку од центарот на Тел Авив, каде што, според сведоците, експлозијата уништи локална пицерија и ги искрши прозорците на десетици околни згради.
Нападите предизвикаа негодување кај израелската јавност, а израелскиот министер за здравство Уриел Бусо изјави дека нападот врз болницата е „гнасно воено злосторство“ и дека Иран „преминал црвена линија“.







