Муртезани: Финансирањето на енергетската транзиција бара стратешки пристап и заедничка визија

Макфакс

17/06/2025

17:07

100

Големина на фонт

а а а

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска учествуваше на панелот насловен „Финансирање на енергетските амбиции“, кој се одржа во рамки на Форумот за мапирање на енергетската иднина на Западен Балкан (MEF-WB Energy Forum 2025) – регионален настан што веќе осма година по ред претставува платформа за продлабочена соработка меѓу земјите од регионот и заеднички пристапи кон забрзана зелена транзиција и целосна декарбонизација до 2050 година.

Во своето излагање, министерот Муртезани посочи дека динамичните геополитички ја засилија неопходноста Северна Македонија да го забрза преминот кон обновливи извори на енергија и поголема енергетска независност. Тој подвлече дека Владата го ревидираше Националниот енергетски и климатски план, како целосно би се усогласил со Европскиот зелен договор и Договорот за енергетска заедница, а истовремено ги мобилизира сите достапни инструменти за финансирање, како што се Инвестициската рамка за Западен Балкан и ИПА III.

Во тој контекст, Муртезани го нагласи значењето на регионалната интеграција, заедничките инфраструктурни проекти и флексибилните модели на финансирање како предуслов за одржлива транзиција.

На прашањето за приоритетните сектори и инвестиции, Министерот истакна четири главни области: производство на обновлива енергија, модернизација на електропреносната мрежа, енергетска ефикасност и електрификација на транспортот.

Во овие области, Муртезани рече дека Владата активно спроведува иницијативи кои имаат за цел не само да ја забрзаат транзицијата кон зелени извори на енергија, туку и да обезбедат одржлива енергетска инфраструктура, подобар урбан транспорт и подобрување на енергетските перформанси на јавните објекти.

„Акцентот е ставен на решенија што се долгорочно одржливи, општествено инклузивни и усогласени со европските и регионалните цели“, потенцираше Министерот.

Муртезани на крајот порача дека Северна Македонија останува активен и посветен партнер во регионалниот процес на енергетска трансформација и дека преку визионерски пристап, усогласена регулаторна рамка и силни меѓународни партнерства, државата не само што одговара на глобалните предизвици, туку и активно придонесува кон нивното обликување.

Форумот за мапирање на енергетската иднина на Западен Балкан има зе цел преку заедничкиот ангажман да се премине од идеи кон реални инвестиции, кои ќе донесат почиста, побезбедна и поконкурентна енергетска иднина за целиот регион.