„Демократската унија за интеграција изразува длабока загриженост поради континуираното занемарување на употребата на албанскиот јазик во официјалната комуникација на Владата на Република Северна Македонија. Еднаквата употреба на службените јазици не е техничко прашање или политичка желба, туку законска обврска, вредност на соживотот и основа на демократскиот поредок“, велат од ДУИ.
„Долго време албанските граѓани се чувствуваат исклучени од правото на еднаков пристап до јавните информации што произлегуваат од државните институции. Недостигот на албански јазик, преводи, задоцнети ажурирања и непотполни официјални веб-страници на албански јазик се јасен доказ за исклучувачки пристап што е спротивен на духот на Охридскиот договор и Законот за употреба на јазиците.
Уште позагрижувачки е намерниот селективен пристап: за други теми Владата реагира и информира, но кога станува збор за албанскиот јазик, одговорот е молк и игнорирање. Ова не е недостаток на капацитет, туку недостаток на волја.
ДУИ потсетува дека неспроведувањето на Законот за јазиците не е само прекршување на законот, туку и удар врз достоинството на албанските граѓани и го поткопува нивната доверба во институциите на државата. Јазичните права не се симболика, туку неразделив дел од граѓанските права.
Ги повикуваме институциите албанскиот јазик да го гледаат како заедничко богатство и обврска што ја зајакнува единственоста на државата. Еднаквоста, инклузијата и транспарентноста не смеат да останат само празни флоскули, тие мора да се видат и почувствуваат во секојдневниот живот на секој граѓанин.
Ако оваа влада не е подготвена да го почитува еден од клучните столбови на нејзиното законско и уставно функционирање, тогаш таа го изгубила моралното право да води мултиетничка и европска држава.
ДУИ внимателно ќе го следи овој процес и ќе бара институционална одговорност за овој дискриминаторски пристап“, се наведува во соопштението на ДУИ.