Визијата на Македонија е создавање на современ и иновативен енергетски модел кој ќе овозможи праведна транзиција и ќе стане двигател на економскиот раст, во интерес на граѓаните и државата, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во своето обраќање на денешниот министерски панел за Западен Балкан: „Инвестиции во време на превирања и брзи пазарни случувања: Каде се наоѓа регионот на Западен Балкан?“ во рамките на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) 2025, кој оваа година се одржува под мотото „Поддршка за чистата енергетска револуција во Западниот Балкан“.
На Форумот учествуваа врвни експерти и клучни актери од целиот свет кои на дводневниот настан дадоа свои видувања во насока на зајакнување на регионалната соработка и забрзување на зелената транзиција.
Министерката Божиновска, на денешниот настан, зборуваше за важноста на регионалната соработка.
„Заедно со земјите од регионот ги претвораме пречките во можности и придонесуваме Западниот Балкан да се постави на светската енергетска мапа“, потенцираше министерката Божиновска, нагласувајќи дека заедничката соработка ќе придонесе за одржлив енергетски систем.
Во рамките на Македонскиот Енергетски Форум (МЕФ) 2025, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Божиновска оствари средба со генералниот директор на Меѓународната агенција за обновлива енергија, Франческо Ла Камера.
За време на средбата, министерката Божиновска нагласи дека Македонија е посветена кон спроведување на фер и инклузивна енергетска транзиција во земјата. При тоа, министерката Божиновска истакна дека Македонија мора да ги следи европските и светски трендови за да оди напред и затоа од клучно значење е да се создадат услови за безбедна енергетска и климатска трансформација.