Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека во текот на ноќта Киев бил погоден од еден од најтешките напади од почетокот на војната, додека Русија употребила повеќе од 440 беспилотни летала и 32 проектили во масивна офанзива.
Зеленски на мрежата „Икс“ изјави дека биле нападнати и регионите Одеса, Запорожје, Чернигов, Житомир, Кировохрад, Николаев и Киев.
Во Киев се оштетени згради во осум области, а спасувачките тимови трагаат по преживеани под урнатините на станбена зграда.
„Се уште не е јасно колку луѓе се заробени. Русите уништија цел дел од зградата“, рече Зеленски.
Според досегашните податоци, најмалку 15 лица загинале, а 75 се повредени.
„Сите повредени ја добиваат потребната помош“, додаде украинскиот претседател.
Зеленски ги нарече нападите „чист тероризам“ и ги повика меѓународните партнери, вклучително и САД и ЕУ, да реагираат поодлучно.
„Путин ја продолжува војната затоа што верува дека може да си ја дозволи. Светот не смее да замижува. Терористите мора да ги почувствуваат последиците, а не невините цивили“, рече Зеленски.