Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер ја уважи жалбата на пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, со која таа реагираше дека Собранието континуирано одбива да ги обелодени патните трошоци и надоместоците за кирија на пратениците.
Од парламентарната партија Левица соопштија дека иако пратеничката во изминатите пет месеци поднесувала официјални пратенички барања до генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, одговор не бил доставен. Потоа, Мојсоска се обратила и како физичко лице со барање за пристап до јавни информации, но одговорот што го добила бил непотполен и паушален.
„Бујрумте скандинавци од власта, имате 15 дена да ги доставите трошоците на вашите галантни пратеници“, напиша Мојсоска на својот фејсбук профил.
Партијата извесно време алармира дека постои сомнеж дека дел од пратениците истовремено користеле и надоместоци за кирија и за патни трошоци.