Министерката Гордана Димитриеска – Кочоска по денешните најави за поскапување на бензините кажа дека Министерството за финансии ќе ја следи состојбата, но не даде конкретен одговор на новинарско прашање дали поскапувањето на бензинот кај нас ќе повлече и други поскапувања.
„Станува збор за берзански производ на кој не можеме да имаме никакво влијание, така што ќе следиме што ќе се случува. Сме имале години кога сме имале и многу високи цени, да се вратиме наназад да ги видиме, сега немаме некоја премногу висока цена на горивото меѓутоа да видиме што ќе се случува на берзанските производи. На тоа Владата не може да има влијание затоа што станува збор за цени кои се формираат на светските берзи“, рече министерката Димитриеска – Кочоска денес по состанокот со постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава, Рита Колумбија, на кој се договорија амбасадите на координации во Министерството за финансии да ги договараат проектите за кои ќе одвојуваат средства во земјава, за да нема поклопување.
Регулаторната комисија за енергетика утрово извести дека од ноќеска по полноќ за 1,50 денар за литар поскапуваат бензините еуросупер 95, еуросупер 98 и дизелот, а мазутот е поскап за 1,293 денари по литар.