Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Рашид Бин Саид Ал-Хајарин, новиот в.д. амбасадор на Државата Катар.
Претседателот Гаши му посака добредојде на новоназначениот в.д. амбасадор на Државата Катар во нашата држава и му посака успешна и плодна работа. Тој искажа големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнуваат и унапредуваат.
Гаши потенцираше дека како претседател на Собранието, особено ја цени значајната улога на парламентарната дипломатија, како суштински елемент во градењето мостови меѓу земјите и народите, особено во време на глобални предизвици.
„Парламентарната дипломатија е клучен механизам за продлабочување на билатералните односи и затоа е потребно да се реафирмира потребата од поблиска соработката меѓу Собранието на Република Северна Македонија и Советот на Шурата на Државата Катар, како и меѓу Групите за соработка меѓу двата Парламента“, рече Гаши.
Ал-Хајарин истакна дека во иднина акцентот на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Државата Катар би требало да биде ставен на унапредување на економската соработка и трговските односи, што би ѝ помогнало на нашата држава економски да зајакне.
Соговорниците се согласија дека постои интерес од двете страни за интензивирање и унапредување на соработката во областа на образованието, културата, туризмот, транспортот, инфраструктурата, здравството, безбедноста, борбата против тероризмот и организираниот транснационален криминал.