[ФОТО] За првпат во историјата: Жена на чело на британската разузнавачка служба „MI6“: Која е таа и кои се нејзините клучни задачи?

Точка

16/06/2025

19:02

909

Големина на фонт

а а а

Британската разузнавачка служба „MI6“ ќе биде предводена од жена, за прв пат во нејзината 116-годишна историја, откако Блејз Метревели беше назначена за нејзин шеф.

Метревели, која се приклучила на Тајната служба во 1999 година, ќе биде 18-тиот шеф на „MI6“ и ќе ја преземе функцијата од Сер Ричард Мур подоцна оваа година, пренесе Би-би-си.

Жена за прв пат на чело на „MI6“

Таа моментално е задолжена за секторот за технологија и иновации во службата, а рече дека е „горда и почестена“ што ѝ била понудена новата функција.

Британскиот премиер Кир Стармер го нарече нејзиното назначување историско.

„MI6“ е задолжена за собирање разузнавачки информации во странство со цел зајакнување на британската безбедност, а главната цел на службата е да:

Спречи тероризам

Наруши и спречи активности на непријателски држави

Да ја подобри сајбер безбедноста

Шефот на службата, честопати нарекуван „C“, е единствениот член чиешто име е познато на јавноста.

Метревели (47) моментално раководи со секторот за технологија и иновации, кој има за цел да ги чува во тајност идентитетите на тајните агенти, како и да осмисли нови начини за спречување на противници како Кина да вршат биометриски надзор и следење.

„MI6 игра витална улога, заедно со MI5 и главниот штаб на владата за комуникации, во зачувувањето на безбедноста на граѓаните на Велика Британија и промовирањето на британските интереси во странство“ изјави таа.

Метревели, која студирала антропологија на Кембриџ, претходно била на позиции на директорско ниво во MI5, домашната разузнавачка агенција, a поголемиот дел од својата кариера го поминала работејќи на Блискиот Исток и Европа.

„Заканите со кои се соочуваме се првенствено поврзани со заштитата на владата, заштитата на тајните податоци и нашите луѓе, како и економијата и чувствителната технологија и експертиза“ изјави таа во 2021 година додека работеше во MI5.

Две големи опасности

Во таа прилика, таа додаде дека „руските државни активности, а не самата Русија, остануваат закана“, како и дека „Кина го менува светот, што претставува исклучителна можност и закана за Велика Британија“.

Се верува дека скратеното име „C“ што ја означува неговата функција потекнува од зборот „Chief“, но тоа не е случај, туку фактот дека првата британска разузнавачка агенција основана во 1900 година била предводена од капетанот на морнарицата Менсфилд Каминг кој секогаш се потпишувал со буквата „C“, па затоа ова кодно име останало, пренесе Би-би-си.

Началникот на службата, Сер Ричард Мур, кој ќе ја напушти функцијата на есен, го изрази своето „апсолутно задоволство“ од „историското назначување“ на неговата колешка.


Шефот на британската дипломатија, Дејвид Лами, пред кого Метревели ќе одговара како нова шефица на „MI6“, рече дека таа е „идеален“ кандидат и дека ќе се погрижи Велика Британија да може да одговори на предизвиците на „глобалната нестабилност и растечките безбедносни закани“.

Премиерот Стармер истакна дека знае дека Блејз Метревели ќе продолжи да врши извонредна работа на раководење потребна за одбрана на земјата и зачувување на безбедноста на нацијата.