Владата нема да ги толерира триковите на трговците ако ги зголемат цените без основа

Макфакс

14/06/2025

17:33

318

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека будно се следи состојбата со цените и најави дека Владата ќе реагира доколку се утврдат непринципиелни однесувања кај трговците, посочувајќи дека мерки ќе бидат донесени доколку е потребно.

„Состојбата со цените апсолутно ја следам одблиску, реков дека нема да толерирам трикови, внимателно следиме што се случува во маркетите и се разбира, доколку има одредени непринципиелни однесувања што јас ги нарекувам трикови, ќе делуваме. Инаку, имаме во план да носиме мерки со кои јавноста ќе биде запознаена благовремено“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на манифестацијата „Од нива до трпеза“ во општина Аеродром.

Тој најави дека Владата ќе го разгледа Извештајот на Државниот пазарен инспекторат кој се однесува на состојбата со цените по завршувањето на владините мерки, по што ќе излезе со официјален став во јавноста.

Во однос на цените на овошјето, премиерот истакна дека покачувањето кај црешите и јаболките е резултат на неповолните временски услови, и најави дека намалениот род ќе влијае на понудата.

„Нивната цена не е 500 денари, туку од 200 до 300 денари по килограм, но и тоа е многу. Тоа е така поради студот, тоа што беше елементарна непогода за црешите, истото го афектираше и ресенското јаболко. Иако оваа година очекувавме и таму голем род, за жал тоа нема да се случи, ќе биде преполовено, ако не и трипати намалено поради неколкуте недели кога имаше ниски температури. Ретка е понудата на трпезата, очекувам истото да се случи и со јаболката кога ќе дојде редот“, изјави Мицкоски.

Од друга страна, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, и уверува дека пазарните инспектори ја следат состојбата низ целиот синџир – од производство до продажба.

„Нема драстично зголемување на цените во делот каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен, ќе гледа, и ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економска оправданост од трговците, нормално дека ќе донесеме пак одлуки. И тоа сум го кажал и во други изјави – ќе донесеме поригорозни мерки од тие што сме ги презеле досега“, рече Дурмиши на новинарско прашање во Тетово, каде присуствуваше на настан за промоција на Оперативниот план за вработување за 2025 година.

Министерството за економија и труд на 20 февруари предложи мерка што Владата ја изгласа, со која беа ограничени маржите за 100 групи производи, а замрзнати цени за осум артикли. Мерката траеше до 30 април, по што започна мониторинг на цените во цел месец мај.