За четири дена доставени повеќе од 2.500 пријави за самовработување

Макфакс

13/06/2025

13:13

173

Големина на фонт

а а а

Во салата на кино „Манаки“ во Битола денеска беа презентирани мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година.

Пред голем број на граѓани претставниците од министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од Оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемништво), каде јавните повици се објавени и сите заинтересирани можат да аплицираат до 20 јуни.

„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување на две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица кои се заинтересирани да аплицираат во било кој од 30-те Центри за вработување при Агенцијата за вработување низ државата“, кажа заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.

Во рамки на јавните повици од мерката 1 „Поддршка за самовработување (претприемништво)“, во тек се три јавни повици со кои се дава можност на повеќе од 1700 лица да отворат сопствен бизнис и со истите се предвидени:

– Финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и започнување на бизнис за лица постари од 29 години.

– Финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и започнување на бизнис за млади лица до 29 години.

– Финансиска поддршка за здружување на две лица во ДОО, каде истата изнесува од 14.000 до 20.000 евра, зависно од целните групи.