МВР предаде обемна документација за истрагата за Кочани и никој не е поштеден, вели Петрушевски

Макфакс

13/06/2025

13:10

120

Големина на фонт

а а а

Пукна балонот на лаги и манипулации на СДС во врска со истрагата за несреќата во Кочани. Сите може да видат дека институциите постапуваат професионално и неселективно, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Потенцираме дека МВР и институциите на системот ги доставиле сите потребни докази и информации за несреќата во Кочани до јавното обвинителство уште пред еден месец. Сите преземени акции од ЈО до сега, сега и од сега, се исклучиво врз основа на доказите кои ги обезбедиле МВР. МВР предаде обемна документација во ЈО, и никој не е поштеден“, рече тој.

Петрушевски вели дека задача на јавното обвинителство е сега врз основа на обемната документација за случајот која им е предадена да ја лоцираат вината и да подигнат обвиненија за секој еден за кој сметаат дека според правната логика е на било кој начин виновен за пожарот и смртта на децата во Кочани.

„Ниту еден полицаец, функционер, или кој и да е граѓанин кој имал допирна точка со предметот не е изоставен и се е опфатено во документацијата“, рече тој.

Колку е сериозен обемот на документацијата, вели Петрушевски, покажува и фактот дека во овој случај се опфатени над 60 лица, од министри, преку МВР, институциите, бизнисмени, градоначалници, секој еден кој можел да има вина.

„А сега да прашаме, колку лица беа опфатени во истрагата за Модуларната болница? Нула. Колку беа во Беса транс и Ласкарци? Нула. Е сега тоа е разликата од МВР сега и од МВР кога СДС беше на власт. Одговорност има за секој, без разлика кој е и од каде е“, рече Петрушевски.