На својот "TikTok" профил @therapytothepoint, терапевтот Џефри Мелцер ги издвојува петте најчести знаци на ниска емоционална интелигенција – и како што вели, тие се многу почести отколку што мислиме.
Емоционалната интелигенција игра клучна улога во начинот на кој се справуваме со емоциите – и нашите и туѓите. Но, според Мелцер, многу луѓе не се ни свесни дека токму на ова поле им недостасуваат вештини. На својот профил на "TikTok", тој ги споделува петте најчести показатели на ниска емоционална интелигенција.
1. Постојани конфликти
На врвот на листата се наоѓаат честите расправии.
„Луѓето со ниска емоционална интелигенција постојано се во некаков конфликт – на работа, во пријателства или во семејството“, објаснува Мелцер. „Тоа не е ’лоша среќа‘. Најчесто станува збор за неспособност за комуникација без ескалација.“
2. Сè се врти околу нив
Вториот знак е неможноста за рамноправна комуникација.
„Ќе им споделите нешто, а разговорот веднаш ќе се врати на нив“, вели Мелцер. „Разговорите стануваат монолози – не затоа што се нужно себични, туку затоа што никогаш не научиле како изгледа искрена и избалансирана размена.“
3. Реакција наместо размислување
Третиот индикатор е импулсивна реакција без размислување.
„Реагираат бурно, се повлекуваат, стануваат студени или пасивно-агресивни, без да се запрашаат што навистина се случува во нив“, објаснува Мелцер. „Емоционалната интелигенција бара самосвест – без неа, реакциите се брзи, остри и често нанесуваат штета.“
4. Никогаш не признаваат грешка
Луѓето со ниска емоционална интелигенција тешко преземаат одговорност.
„Наместо да признаат грешка или да се извинат, тие ќе рационализираат, ќе ја префрлат вината или ќе ја минимизираат својата одговорност“, предупредува Мелцер. „Не затоа што не ја знаат вистината, туку затоа што им е поважно да го заштитат своето его отколку да ја поправат ситуацијата.“
5. Не ги почитуваат емоционалните граници
Петтиот знак се однесува на нарушување на емоционалните граници на другите.
„Откриваат премногу во несоодветен момент, емоционално ве ’преплавуваат‘ без да прашаат или ве притискаат да се отворите и кога не сте подготвени“, појаснува Мелцер. „Тоа не е длабока поврзаност – тоа е недостаток на емоционална регулација.“
Зошто е важна емоционалната интелигенција?
Клиничката психолог д-р Мелани А. Мекнели истакнува дека лицата со висока емоционална интелигенција полесно се справуваат со секојдневните интеракции, носат подобри одлуки и одржуваат поздрави односи – и пријателски и романтични.
Добрата вест? Емоционалната интелигенција може да се развие. Експертите од "Davenport Psychology" советуваат да се започне со развој на самосвест, препознавање на сопствените емоционални обрасци и практикување на внимателност (mindfulness). Отворениот и искрен фидбек од другите, исто така, може да помогне во освестување и надминување на емоционалните слабости.