Снежана Ана Дивац, сопруга на прославениот кошаркар Влада Дивац, по повеќе од една деценија одлучи да се осврне на аферата која со години беше во центарот на јавноста — сообраќајната несреќа на Бранков мост од јуни 2014 година, во која животот го загуби 21-годишниот Лука Јовановиќ.
Возилото марка „мини кантримен“, кое таа фатална вечер го удри младичот, никогаш не беше пронајдено, а со години кружеа гласини дека семејството Дивац, а особено Снежана Ана, е поврзано со тој настан. Во својата најнова изјава, Снежана Ана Дивац првпат детално се осврна на обвиненијата кои со години кружат, но истакна дека, освен неа, на мета на јавноста често биле и нејзините деца — што, како што наведува, за неа било посебно болно:
„Кога веќе сме на тема „Кантримен“, постоеја гласини дека некое од моите деца управувало со тоа возило. Во склад со вредностите кои ги имаме, ние ги штитиме своите деца. Бог да ни е на помош ако нешто такво се случи, не дај Боже ако некој загине, и не дај Боже ако некое од нив возело, јас би направила сè моето дете да ја одлежи казната која ја заслужува. И тоа токму од голема љубов кон своето дете, бидејќи верувам дека на тој начин би го откупило својот грев и би си ја олеснило душата. Секој од нас ги штити своите деца според своите вредности — сето тоа е огледало на нас самите“, изјави Ана Дивац во видео на својот ТикТок профил.
Да потсетиме, Марко Милиќев е осуден бидејќи со автомобилот „кантримен“ на Бранков мост го прегазил Лука Јовановиќ, кој во тој момент со пријателите буткал расипана „лада“.
По несреќата избегал во Турција, па во Кина, каде што беше уапсен во септември 2014 година и предаден на Србија. Следната година, беше осуден пред Третиот суд на четири и пол години затвор за тешко дело против безбедноста во сообраќајот, а од затворот Забела излезе во 2019 година.