Роман Абрамович првпат зборувал на тема фудбал и Челси, откако беше приморан да го продаде премиерлигашот на актуелните сопственици пред три години.
Русинот беше посочен како соработник на рускиот претседател Владимир Путин и британската влада го примора да се откаже од Челси, додека парите од продажбата беа замрзнати на државна сметка и беше најавено дека ќе бидат наменети за хуманитарна помош за украинските региони погодени од војната.
Абрамович првпат по 2022 година се навратил на својата љубов кон Челси и тоа со авторизирани коментари во книга која е издадена неодамна.
– Можеби еден ден ќе има ситуација во која ќе можам барем уште еднаш да бидам на трибините на „Стемфорд Бриџ“ и соодветно да се збогувам со клубот и фановите. Не сакам ништо повеќе од тоа, – вели Абрамович.
– Веќе немам никаков интерес за улога на фудбалската сцена, посебно не во професионалните клубови. Можеби некогаш ќе помогнам на некои младински академии, на момчиња кои тренираат во тешки услови, но во овој живот завршив со улога на сопственик или слично во некој клуб, – тврди милијардерот.