Мицкоски ги предложи Азир Алиу за нов министер за здравство и Албрим Хоџа за заменик министер за земјоделство

Макфакс

09/06/2025

13:17

108

Големина на фонт

а а а

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска во Собранието ги предложи Азир Алиу за нов министер за здравство и Албрим Хоџа за заменик министер за земјоделство.

„Го предлагам д-р Азир Алиу за нов министер за здравство. Д-р Алиу е доктор по информатички науки, професор, човек кој со години се занимава со управување со системи, податоци и дигитални решенија. Во време кога некои држави со еден клик добиваат дијагноза, ние сè уште трчаме од шалтер на шалтер. Време е тоа да се промени. И токму затоа веруваме дека неговата енергија и знаење ќе донесат нова димензија во менаџирањето со здравствениот систем“, рече Мицкоски.

Тој рече дека Алиу ќе има силна поддршка од него како претседател на Владата.

Мицкоски, исто така, го предложи Албрим Хоџа за заменик министер за земјоделство.

„Г. Хоџа е млад, но сериозен човек кој знае како изгледа теренот. Верувам дека тој ќе даде силна енергија и ќе биде силна потпора на министерот и ќе придонесе кон тоа земјоделството конечно да добие системска рамка и визија за иднината“, рече Мицкоски.