Минчев: Силна јавна администрација како основа за силна Македонија

Макфакс

06/06/2025

11:27

277

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на свеченото отварање на 30-ти Јубилејни спортски игри и средби на Синдикатот на УПОЗ, кое се одржа во Охрид. Во своето обраќање, Минчев истакна дека овие игри не се само спортска манифестација, туку и симбол на заедништвото, солидарноста и силата што доаѓа од заедничката борба на јавниот сектор и синдикатите.

„Денес не отвораме само спортски игри. Денес отвораме едно поглавје на заедништво, истрајност и солидарност што трае веќе 30 години. Јубилејните игри на Синдикатот на УПОЗ се не само симбол на спортот и дружењето, туку и на борбата за правата и достоинството на трудот во јавниот сектор“, изјави Минчев.

Министерот потенцираше дека јавната администрација е срцето на државата и истакна дека само преку силна, обучена, мотивирана и заштитена јавна администрација може да се создаде држава која ќе му служи на граѓаните, а не на интересите. Тој истакна дека реформите во јавниот сектор треба да се темелат на човекот и на неговите права, а не на партиски интереси.

„Македонија не е само територија, Македонија сме ние, секој службеник, секоја медицинска сестра, наставник, полицаец, инспектор. Македонската администрација е основата на секоја модерна и успешна држава“, нагласи Минчев.

Министерот на крајот на своето обраќање им посака успех на учесниците на спортските игри и истакна дека вистинската сила лежи во заедништвото и поддршката на секој поединец во јавниот сектор.

„Нека овие игри бидат потсетник дека вистинската сила лежи во заедништвото. Нека вашата борба и денес биде борба за подобра иднина, не само на теренот, туку и во секоја канцеларија, на секој шалтер, на секое работно место кај што твори јавниот службеник“, заврши Минчев.