СДСМ нема да му се извини на Љутков: „Сѐ што објавивме е вистина“

Макфакс

06/06/2025

11:26

315

Големина на фонт

а а а

Од СДСМ велат дека нема да му се извинат на министерот за култура, Зоран Љутков, затоа што, како што велат од партијата, сѐ што објавиле за него е вистина, а имаат и документи кои го потврдуваат тоа.

„СДСМ не може позитивно да одговори на барањето за извинување на министерот за култура и туризам Зоран Љутков затоа што ја објавивме вистината. Зарем очекува Љутков да му се извинуваме за тоа што СДСМ, а не тој, зборувавме за не исплатените плати на културните работници за Велигден кои тој ги остави сами себе? Или очекува да му се извинуваме што ја соопштивме болната вистина за непочитување на колективниот договор, според кој платите се зголемија само за 5,5 %, а требаше многу повеќе? Дали Љутков очекува да му се извинуваме и затоа што го фативме жив на егзотичните патувања вредни над 50.000 евра, пари на граѓаните? Или за неговото незаконско работење со унапредувања на негови блиски?“, прашува СДСМ.

Од партијата го прашуваат министерот дали очекува извинување затоа што објавиле низа скандали со државната секретарка Ѓоргова или за плановите за продажба на културното наследство?

„Или мисли дека некој треба да му се извини затоа што Љутков нема објавено никаква стратегија или план за развој за културата и туризмот. Она што го говори СДСМ е апсолутна вистина и затоа ги објавуваме документите кои го потврдуваат кажаното“, велат од СДСМ.

Партијата очекува надлежните институции веднаш да преземат мерки за санкционирање.

„Ние ќе продолжиме да ги објавуваме сите незаконски постапки, сите аздисувања на Љутков и гласно ќе говориме за неговата неспособност“, велат од СДСМ.